Роден е 18.07.1956 година во Македонски Брод. На тема Корозивно однесување на бакар и месинг во морска вода го одбранил својот докторски труд со што се стекнал со звањето доктор на науки.
Од 1998 година д-р Росе Смилески е ангажиран во реализација на постдипломските студии на Машински факултет во Скопје. Повеќе пати, со популарни предавања настапувал пред вработените во наменската индустрија како и пред неколку Општински организации на Сојузот на резервните старешини на Р. Македонија. Покрај ова кандидатот по разни основи е вклучен (понекогаш како член на одредени комисии, а понекогаш како носител на развој на одредени средства) во реализација на бројни задачи од наменската индустрија и во техничката служба на Министерството за одбрана. Во 1994 година бил иницијатор и организатор на Првото советување во АРМ од областа на муницијата и експлозивните материи. Во 1996 година бил член на организациониот одбор на Првото советување од областа на одбраната и заштитниот систем на Р. Македонија, одржано во Охрид. Бил член во организациски одбори на повеќе научни собири: На 18. Конгрес на сојузот на хемичарите и технолозите, на РМ со меѓународно учество; Иницијатор и заменик претседател на научниот одбор на Првиот симпозимум одржан во Р. Македонија од областа на експлозивните материи, вооружување и воена технологија На III и IV Советување за дупчење и минирање со меѓународно учество, во организација на Рударско-геолошкиот факултет од Штип; Член на организацискиот одбор за одбележување на 60 години од АСНОМ, во организација на Македонската академија на науките и уметностите. Бил член на издавачкиот совет на списанието „Армиски Збор” и Член е на Издавачкиот совет, а бил и член на Уредувачкиот одбор на Списаниоето “Современа одбрана” во издание на Министерството за одбрана на Р. Македонија.